Top Sport

Трој Дини: Татко ми кажа дека ќе ја убие мајка ми и потоа сите нас

Поранешниот долгогодишен капитен на Вотфорд, а сега фудбалер на Бирмингем сити, Трој Дини во својата нова автобиографија ја открива „опасната“ домашна атмосфера во која пораснал и таткото кој ги малтретирал него и неговата мајка.

Пол Ентони Бурк, неговиот татко бил отсутен во поголемиот дел од неговото детство, честопати поради престој во затвор, но тој вели дека уште го сака човекот кој вршел терор на своето семејство.

„Некои негови пријатели направија милиони од криминал, но тој никогаш не одеше по парите, и сакаше да влезе во паб и сите да му купат пијачка. Сите се плашеа од него и уживаше во тоа. Кога почнав да играм за Волсол, еден ден дојде со син Мерцедес и знаевдека автомобилот не е негов. Кога застанавме на бензинска пумпа слушнав некоја врева, и тој призна дека во гепекот има човек кој му должи пари“, вели Дини во автобиографијата.

Дини вели дека неговата мајка Ема и неговиот брат Елис и сестра Саша, трпеле вистински терор дома.

„’Ќе ја убијам мајка ти’, ми кажа, и потоа почна да покажува кон нас децата: ‘Потоа ќе те убијам тебе, па ќе те убијам тебе, па ќе те убијам тебе’. Потоа ја удираше мајка ми. Застанав пред неа, и тој ме нокаутираше мене и продолжи. На крајот соседите ја повикаа полицијата, која ја скрши вратата и го однесе мојот татко“, открива Дини.

Таткото на Дини почина во 2012 од рак, а неколку дена по неговиот погреб, самиот Дини почна да отслужува 10-месечна затворска казна за тепачка во центарот Бирмингем. Во затворот, тој почна да го менува својот живот, да чита и да оди на психијатриски прегледи. Сега, на залезот на кариерата, тој вели дека уште го сака својот татко.

„Знам дека ме сакаше и јас го сакав. Мојот татко можеби беше отпадник, правеше лоши работи, но тоа не ја менува ситуацијата – ме зема кога мојот биолошки татко не ме сакаше“, додава Дини.

Scroll to Top