Top Sport

ЦАФ започна истрага против Ето

Легендарниот центарфор, сега претседател на Фудбалскиот сојуз на Камерун е обвинет за „непримерно однесување“

Африканската фудбалска конфедерација (ЦАФ) започна истрага против претседателот на Фудбалскиот сојуз на Камерун Самуел Ето за „непримерно однесување“.

Поранешниот напаѓач на Барселона и Интер беше избран на оваа функција во декември 2021 година, но првичниот ентузијазам за неговите најавени реформи, му отстапи место на обвинувањата за неисполнети финансиски ветувања кон клубовите и клиентелизам.

ЦАФ соопшти дека „неколку камерунски фудбалски функционери“ се пожалиле и дека ќе го „истражат наводното несоодветно однесување“ на Ето бидејќи наводите се „сериозни“.

Адвокатот на Ето, Еламе Бони, во четвртокот рече дека неговиот клиент е изненаден од истрагата на ЦАФ бидејќи не бил информиран за тоа.

Адвокатот оценил дека истрагата била „избрзана, катастрофална и токсична“ и се заканил дека ќе поднесе тужба, а писмото на адвокатот било предадено на Фудбалскиот сојуз на Камерун.

Во Камерун има прашања и за улогата на Ето во одредена спортска обложувалница, на што се пожали еден клуб.

Камерунскиот фудбал и претходно имаше проблеми, пред да биде избран Ето, угледот на домашната лига беше нарушен со мешање на државата, обвинувања за корупција и неисполнети ветувања од страна на челниците..

Ето играше на четири светски првенства за Камерун од 1998 до 2014 година.

Scroll to Top