Top Sport

Тудор: Француската Лига 1 е посилна од Серија А

Хрватскиот тренер на Олимпик Марсеј, Игор Тудор ја спореди Лига 1 со Серија А и оцени дека француската лига е подобра лига од италијанската. 44-годишниот Тудор помина 19 години како играч во Италија пред да се пензионира, по што работеше како тренер на Удинезе и Верона, но и како помшник на Андреа Пирло во Јувентус.

„Во Франција го имате Пари Сен-Жермен, во Италија нема таков еквивалент, бидејќи денеска тие се над Интер и Јуве. Потоа имате три или четири клубови кои имаат поголем квалитет во Италија отколку во Франција, но од шестото до последното место сите се посилни во Франција. Да играат утре Емполи-Стразбур, јасно е дека Стразбур ќе победи. Ремс-Специја исто така. Кога ќе играте со Ремс и Стразбур, си заминувате со желба да земете три-четири фудбалери од нивниот тим. Но, ако сум во Интер и играм со Емполи или Специја, нема да сакам никого“, вели Тудор во интервју со „Л’Екип“.

Тој исто така зборуваше и за стилот на фудбал кој се игра.

„Друга голема разлика е тоа што во Франција се игра многу побргу. Бидејќи типот на играчи е поинаков, има многу помлади и пофизички силни фудбалери. Во Италија интензитетот го нема. Англичаните купуваат играчи од Лориен, а не од Италија“, додава Хрватот.

Scroll to Top