Top Sport

Тухел: Челси веќе нема да носи невакцинирани фудбалери

Англискиот премиерлигаш Челси најголемиот дел од подготовките ќе ги одработи во Америка, каде ќе одиграат и неколку пријателски натпревари за да бидат максимално подготвени за стартот на новата сезона.

Но, главоболка на менаџерот на лондонскиот клуб Томас Тухел му задава фактот што не може да смета на Н’Голо Канте и Рубен Лофтус-Чик кои се надвор од конкуренција иако не се повредени.

Канте и Лофтус-Чик веќе пропуштија една недела од тренинзите со остатокот од тимот поради фактот што не беа вакцинирани против коронавирусот, што не се толерира во САД.

Законот во Соединетите Американски Држави е јасен и секој спортист што сака да настапува во оваа земја на кој било начин мора да се вакцинира или во спротивно ќе добие забрана за тренинзи и игри.

„Мораме да размислиме за тоа сега. Тоа сега е дел од нашето секојдневие и ако не си вакциниран наидуваш на многу пречки. Ќе размислам дали во иднина ќе донесам играчи кои не биле вакцинирани бидејќи не ни се потребни вакви проблеми“, изјави Тухел.

Scroll to Top