Top Sport

Тухел: Не беше случајно што решив да го внесам Кепа

Менаџерот на Челси, Томас Тухел вели дека Едуар Менди бил среќен што бил изваден од игра за да влезе Кепа Аризабалага, кој на крајот им помогна на „сините“ да ги победат Вилјареал на пенали и да ја освојат титулата од УЕФА Суперкупот.

Германскиот стратег го смени Менди во 119. минута од мечот при 1:1, и тоа беше вистинската одлука, откако шпанскиот голман одбрани два удари во пенал-серијата за титула во Белфаст.

„Не се работеше за спонтана одлука. Зборувавме за тоа со голманите по првиот куп-натпревар против Барнсли минатата сезона. Имавме и статистики, бевме подготвени. Кепа има најдобар процент на одбранети пенали и двајцата знаеја дека ако дојде до пенали, Кепа ќе влее во игра. Двајцата се тимски играчи и го сфаќаат тоа. Едуар не беше лут, туку беше среќен да помогне на тимот“, вели Тухел.

За Кепа, пак, ова е совршен момент откако беше под удар на критиките последните две сезони.

„Не се работи за типична ситуација, но стигнавме до пенали откако Едуар заврши одлична работа. На крајот, победивме и двајцата сме среќни. Бев подготвен бидејќи знаев дека ова може да се случи. Затоа бев подготвен, ментално и физички“, додава Кепа.

„Сините“ немаат многу време за одмор – веќе во сабота играат со Кристал палас во првото коло од Премиер лигата.

Scroll to Top