Томас Тухел вели дека пристигнал во Челси со една цел – да освојува трофеи и верува дека неговиот клуб има доволно искуство и квалитет да го оствари тоа со титула во Лигата на шампионите.
Последен трофеј на „сините“ е круната од Лига Европа под Маурицио Сари, а оваа сезона иако трофејот од Премиер лигата одамна е недостапен, тие се во игра во Лигата на шампиони и во ФА купот. Утре тие играат со Порто во вториот меч од четврт-финалето на ЛШ, по победата во првиот меч (2:0), а играат со Манчестер сити во полуфиналето на ФА купот во сабота.
„Дали ЛШ е најдобар пат до титулата? Можеби ако влезете во финале. Сега сме во четврт-финалето и мислам дека сите клубови имаат цел да бидат во полуфиналето. Исто така сме во полуфиналето на ФА купот, но шанса за титула имате само ако играте финале. Нема што да се крие. Овој тим има култура, структура, сила за освојување титули. Челси е клуб со таква историја и таков менталитет. Дојдов тука да освојувам титули и да победувам. Ништо не е сменето. Можеме да зборуваме со часови, но утре играме и секогаш следниот меч е најтежок. Утре ќе зборуваме за што понатаму“, вели Тухел.