Белгија со убедливи 5:2 го совлада Тунис за да го визира патот до осминафиналето на Мундијалот во Русија, покажувајќи уште еднаш дека има репрезентација за висок пласман, која ќе се тестира против посилен противник во последното коло, кога ќе се „судрат“ со Англичаните.
Ромелу Лукаку и Еден Азар постигнаа по два гола за убедливата победа со која Тунис е елиминиран од шампионатот, а Англија утре со победа над Панама ќе им се приклучи на белгиските „ѓаволи“.
Мечот започна со 13-тиот досуден пенал во Русија (со што се израмни бројот на пенали од Бразил 2014), откако во петтата минута Бен Јусеф го собори Азар на работ на шестнаесетникот, а по разгледувањето на ВАР снимката беше потврдено дека се работи за пенал.
Веќе во 12. минута, Азар одлично го најде Лукаку, кој не ја „закачи“ добро топката во петерецот на Тунис. Само три минути подоцна, Лукаку се „поправи“, откако по добрата асистенција на Мертенс зголеми на 2:0.
Тунижаните се понадеваа дека можат да направат пресврт кога во следниот напад, преку Дилан Брон намалија на 2:1, а во 32. минута Хазри убаво се закани со шут од далечина. Во судското продолжение, Муние го најде Лукаку, кој го постигнува својот четврти гол на шампионатот, со што се израмнува со Португалецот Кристијано Роналдо како најдобар стрелец досега.
Белгија го големи водството на 4:1 во 51. минута, кога Азар доби одлична топка од Алдервирелд и донесе недостижно водство на натпреварот.
Селекторот Роберто Мартинез сакаше да го „поштеди“ Лукаку и го повлече од игра во 59. минута, а на негово место влезе неговиот досегашен колега од Манчестер јунајтед, Маруан Фелаини. Потоа, од игра излезе и Азар, а на негово место дојде напаѓачот на Борусија Дортмунд, Мичи Батшуаи, кој зголеми на 5:1 со гол во 90-тата минута.
Вахби Казри во 93. минута ја искористи слабата реакција на Тибо Куртоа на голот на Белгија за да намали на 5:2, со што овој натпревар е убедливо најефикасниот на Мундијалот досега.
Фото: ЕПА