Поранешниот фудбалер на Јувентус, Лилијан Турам, вели дека критиките кон тренерот Андреа Пирло се неосновани бидејќи никој не може да очекува тој да стане „голем“ тренер уште во првата сезона.
Јувентус ги изненадија сите кога минатото лето решија на местото на Маурицио Сари да го постават Пирло, неколку дена откако му ја дадоа првата тренерска работа во У-21 тимот. „Бјанконерите“ имаат лоша сезона, во која испаднаа од Лигата на шампионите и се на третото место на табелата со малку шанси да ги стигнат лидерите Интер.
„Мислам дека критиките кон Пирло се смешни, бидејќи верувам дека ќе стане голем тренер, како што беше и голем играч, но треба да му се даде време. Никој не станал голем фудбалер во првата сезона или голем готвач или голем новинар. Да не заборавиме, кога Реал го постави Зинедин Зидан, тоа не беше неговата прва работа, бидејќи работеше со младинскиот тим, а претходно му беше помошник на Карло Анчелоти и Жозе Мурињо. На Пирло му треба искуство“, вели Турам.