Хенрик Мхитаријан веројатно нема да биде дел од тимот на Арсенал во финалето на Лига Европа против Челси. Проблем се дипломатските односи помеѓу Азербејџан, земјата каде ќе се игра финалето и Ерменија, земјата од која доаѓа фудбалерот. Од клубот побараа од УЕФА да го реши проблемот.
Азербејџан и Ерменија се непријатели, водеа и војна поради спорот околу регионот Нагорно-Карабах. Од 1994 година двете држави ги прекинаа сите дипломатски односи, а на државјаните на Еремнија им се забранет влезот во Азербејџан.
За Мхитаријан ова не е ништо ново, бидејќи слични ситуации имало и во минатото, кога тој бил играч на Борусија Дортмунд, а и во блиското минато. Во фазата по групи Арсенал беше во група со азербејџанскиот тим Карабаг. И тогаш Ерменецот воопшто не аплицирал за азербејџанска виза.
Во 2015 година иако УЕФА им ветиле на луѓето од Дортмунд дека ќе обезбедат виза за Мхитаријан, во тогашниот клуб од безбедносни причини решиле Ерменецот да не патува во Азербејџан.
За Арсенал срамно е што еден фудбалер не може да игра финале на некои натпреварување поради политички проблеми. Поради тоа на УЕФА ѝ порачаа дека тие мора да го решат проблемот.
„Безбедноста на нашите играчи е најважна. бараме гаранции од УЕФА дека на Мхитаријан ќе му биде обезбеден влез во Баку, но и дека ќе биде безбеден додека ние престојуваме во Азербејџан. Бараме да му се одобри виза, сакаме тој да биде со нас. Срамно е поради политиката да го пропушти финалето. Ние се уште не сме добиле никакви гаранции дека тој таму ќе се чувствува безбедно, се надеваме дека УЕФА ќе си ја заврши работата“, соопштиле од клубот.
Ерменецот сезонава има одиграно 38 натпревари за Арсенал, на кои постигнал шест гола.
Финалето во Лига Европа, помеѓу Арсенал и Челси ќе се одигра на 29 мај на Олимпискиот стадион во Баку.