Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, рекол дека ќе се заложи најбогатите европски фудбалски клубови да добијат буџетски ограничувања, односно да плаќаат данок на луксуз, со цел да биде балансиран квалитетот помеѓу клубовите, со што би била вратена неизвесноста и во исто време би било обезбедено фудбалот да се развива во помалку богатите средини.
„Разликите помеѓу сиромашните и богатите клубови стануваат сè поголеми така што ни се заканува во иднина, во Европа, да имаме четири или пет клуба со буџет поголем од една милијарда евра. Поради тоа, мора да преземеме нешто доколку сакаме да го сочуваме овој спорт“, рекол Чеферин во разговор за „РТВ Словенија“.
Првиот човек на УЕФА рекол дека очекува оваа идеа да биде поддржана во фудбалскиот свет, но и да добие поддршка од политичарите, иако во Европа не е договорен лимитот што клубовите смеат да го потрошат на трансфери и на платите на фудбалерите на начин на кој тоа е регулирано во професионалните спортови во САД со т.н. селери кап.
„Европската комисија вели дека тоа кај нас не може се изведе бидејќи се работи за слободен пазар, а во исто време политичарите нѐ повикуваат да направиме нешто за сиромашните бидејќи вака повеќе не оди. Тоа за мене е популизам. Сами не можеме да направиме ништо доколку не ни помогнат политичарите. Доколку не го направат тоа, јавно ќе бидат прозвани“, рекол Чеферин.
Словенецот дополнил дека УЕФА веќе ги отфрли сите идеи за формирање на европската „суперлига“, во која би се натпреварувале само најбогатите европски клубови и дека европската куќа на фудбалот ќе продолжи со активностите за да може што подобро да ги контролира големите разлики во буџетите, богатите клубови да купуваат без ограничувања, дури и фудбалери што не им се потребни, само за и наштетат на конкуренцијата.
„Убеден сум дека ќе ја добиеме поддршката од клубовите, од националните првенства, јавноста и медиумите. Преостанува да видиме како ќе се однесуваат политичарите“, заклучил првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин.