Top Sport

УЕФА незадоволна: Интер не го следел протоколот за анти-расизам

Европската фудбалска „куќа“ (УЕФА) вели дека е загрижена од однесувањето на Интер по расистичките навреди кон дефанзивецот на Наполи, Калиду Кулибали, оценувајќи дека тие не го следеле протоколот на УЕФА за вакво однесување.

Иако преку системот за озвучување фановите трипати беа предупредувани да сопрат со мајмунските извици кон Кулибали, тоа не донесе резултат, а според протоколот на УЕФА, мечот требаше да биде прекинат во тој момент, но тоа не се случи.

Тренерот на Наполи, Карло Анчелоти лут го посочи ова на прес-конференцијата по мечот.

„Имаше чудна атмосфера и ние трипати побаравме мечот да биде прекинат по објавата на системот. Но, мечот продолжи. Можеби следниот пат треба да прекинеме сами, но можеби ќе загубиме поени“, изјави Анчелоти.

УЕФА, во заедничка изјава со асоцијацијата на фудбалери ФИФПро, се согласува со Анчелоти.

„ФИФПро и УЕФА се многу загрижени за овој неприфатлив расистички инцидент при кој не се практикуваше протоколот од три чекори на УЕФА. Кулибали, француско-сенегалскиот дефанзивец, беше мета на расистички извици и покрај предупредувањата преку системот за озвучување, а тренерскиот тим на Наполи го извести судијата неколку пати. Овие постапки се неприфатливи и немаат место во фудбалот“, се вели во известувањето на УЕФА.

Интер ќе одигра два натпревари без публика како резултат на инцидентот, казна која УЕФА ја поздрави.

Фото: ЕПА

Scroll to Top