Top Sport

Украински клуб казнет бидејќи фудбалерите давале интервјуа на руски јазик

Украинскиот првологаш Верес Ривне доби казна од Украинската фудбалска федерација бидејќи нивните фудбалери по неодамнешниот меч давале интервју на руски јазик.

Верес, кои доаѓаат од градчето Ривне, но своите натпревари ги играат во Лутск на сопствениот веб-сајт потврдија дека „престапот“ се случил на мечот со Динамо Киев овој месец, кога давале интервју на „друг јазик освен државниот“. Од клубот ветија дека отсега ќе даваат интервјуа само на украински јазик.

„За тие фудбалери или други вработени во клубот кои не го зборуваат државниот јазик на доволно ниво, клубот е подготвен да организира курс за украински јазик. Оваа одлука не важи за фудбалерите кои се државјани на друга држава“, се вели во објавата на клубот.

Претседателот на клубот, Иван Надеин претходно изјави дека ја поддржува оваа одлука на федерацијата.

„Моето лично мислење е дека ако фудбалерот има украински пасош, тогаш во јавните интервјуа мора да се обраќа на украински јазик. Сфаќам дека има фудбалери кои не знаат доволно украински, и знам дека се срамат од тоа“, вели Надеин.

Верес се на 9. место во Украинската Премиерлига по 18 кола во прва сезона во елитата.

Scroll to Top