Top Sport

Ултрасите го бојкотираа ПСЖ, „светците“ до победа во францускиот „Ле класик“ (видео)

Пари Сен-Жермен по елиминацијата од Лигата на шампионите го одигра својот најголем меч кој му преостанува оваа сезона (ако не го сметаме купот), откако на „Паркот на принцовите“ со 3:1 го совладаа лутиот ривал Марсеј.

Мечот започна со протест на лутите навивачи на ПСЖ по елиминацијата од Манчестер јунајтед во Лигата на шампионите, откако тие одбија да навиваат и не се днаа на своите столчиња при стартот на мечот. Покрај тоа, на трибините имаше и транспаренти: „Не забораваме“, „Почитувајте го редот“, „Пари на местото на срцето“.

На теренот, ПСЖ ја потврди доминацијата во францускиот фудбал благодарение на двата гола во второто полувреме на Анхел ди Марија. Килијан Мбапе прво на асистенција на Ди Марија донесе водство за домаќините во последните секунди од првото полувреме, но Валер Жермен израмни само што почна второто полувреме.

Аргентинецот Ди Марија, кој беше еден од најкритикуваните за слабиот меч против Јунајтед во ЛШ, потоа во 55. и 66. минута со два гола го реши победникот – посебно беше убав вториот гол од слободен удар од огромна далечина. Мбапе во 93. минута имаше шанси да го зголеми резултатот, но не беше успешен во ударот од белата точка.

ПСЖ има 77 поени на врвот на Лига 1, десет повеќе од второпласираниот Лил, и дури 20 пред Марсеј, кои се на четвртото место.

ЛИГА 1,29.КОЛО

Лион – Монпелје 3:2

Ремс – Нант 1:0

Бордо – Рен 1:1

Пари Сен-Жермен – Марсеј 3:1

Scroll to Top