Две години подоцна, дуелот помеѓу Интер и Јувентус во 2018 година уште е тема на разговор во италијанските медиуми, откако поранешниот обвинител на Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ), Џузепе Пекораро повторно фрли сомнеж на однесувањето на судијата Даниеле Орсато.
Главното прашање е зошто судијата Орсато не решил да му додели црвен картон на Миралем Пјаниќ при остриот старт над Рафиња, по што Јувентус победи со 3:2 и ја освои титулата пред Наполи.
Во интервју за весникот „Ил матино“, Пекораро, вели дека тоа е една од главните причини поради која во декември минатата година си поднел оставка.
„Однесувањето на Орсато на Интер-Јувентус предизвика да направам тензии со судиите. Ги баравме аудио и видео снимките од дијалогот меѓу луѓето во ВАР собата и судијата Орсато, но материјалите ги добивме на почетокот на следната сезона. Кога ги разгледавме снимките, недостасуваше тој дел со фаулот на Пјаниќ и ми кажаа дека го немаат снимено тој дел“, вели Пекораро.
Дербито од 35. коло во Серија А од 2017/18, започна со водство на Јувентус во 13. минута преку Даглас Коста, но по црвениот картон на Матијас Вечино, доаѓа до пресврт – Мауро Икарди во 52. минута израмнува, а Андреа Барѕаљи си постигнува автогол во 65. минута за 2:1 водство на Интер. До крајот на мечот, Јувентус во 87. израмнува со автоголот на Шкринијар, пред Гонзало Игуаин во 89. минута да донесе победа. Наполи, следниот ден, губи со 3:0 од Фиорентина.