Економскиот бум во англискиот фудбал продолжува, откако „Дејли мејл“ јавува дека Премиерлигата е блиску до обезбедување на комбиниран договор од 11.6 милијарди евра за продажба на ТВ-правата од 2022 до 2025 година.
Оваа сума ќе биде поделена помеѓу 20-те клубови кои се натпреваруваат во Премиерлигата, што претставува зголемување на приходите од милијарда евра во следните три години. Ова доаѓа поради „војната“ за обезбедување на ТВ-правата во САД и Австралија – Дизни, Ворнер и ЦБС се ривали на НБЦ во САД, додека сегашните носители на правата во Австралија, Оптус имаат конкуренција во Стен спортс, Парамаунт и Амазон.
БеИН ќе ги заддржи правата за Блискиот Исток за 450 милиони евра, додека Канал плус го обнови договорот за 300 милиони евра за мечеви во Франција, Словачка и Чешка. Договори се постигнати и во Италија (Скај спортс), Португалија (11 спортс), Белгија (Теленет), Германија (Скај Германија) и Шпанија (ДАЗН). НЕНТ ги обезбеди правата за Шведска, Данска и Финска за 2.8 милијарди долари до 2028 година, а покрај тоа купија и шестгодишен посебен договор за Холандија, Полска, Естонија, Литванија и Летонија.
Во исто време, Скај спортс, БТ, Амазон и ББЦ ќе потрошат 5.8 милијарди евра за да ги обезбедат правата за Велика Британија.