Top Sport

Успешен старт на Лигата на нации, Гибралтар беше лесен залак (видео)

Македонија со победа го стартуваше новото натпреварување на УЕФА, Лигата на нации, откако на гостувањето кај Гибралтар стигна до рутинска 0:2 победа.

Тимот на селекторот Игор Ангеловски ја „одработе“ задачата на гостувањето кај најновиот член на УЕФА, и со два гола во првото полувреме го реши прашањето за победникот. По спориот старт на мечот, и неколкуте пропуштени шанси, Иван Тричковски ја „префрли“ формата која ја има за АЕК Ларнака во Лига Европа и во националниот дрес, постигнувајќи убав гол во 19. минута, негов прв по пауза од пет години во репрезентацијата. Стефан Ристовски убаво излезе од десната страна, и го најде Тричковски кому не му беше тешко да ја смести топката во голот.

Во 34. минута, одлична шанса имаше фудбалерот на Леванте, Енис Барди, кој излезе сам пред голманот, но ја упати топката директно во неговото лице. Само минута подоцна, Македонија поведе со 2:0, откако по корнер, топката дојде пред фудбалерот на Лидс, Езѓан Алиоски, кој со силен удар го реши победникот на натпреварот. Во 41. минута, во убава шанса беше и Стефан Спировски, но голманот на домаќините одлично реагираше.

Во второто полувреме на местото на капитенот Горан Пандев влезе во игра Илија Несторовски, а во 56. минута, Алиоски се обиде да даде атрактивен гол со ножички. Само минута подоцна имаше фаул над Несторовски во шестнаесетникот, но судијата не реагираше.

По рутинската победа в недела не чека вистинскиот тест, со најсериозната репрезентација во нашата група, Ерменија, која се намачи пред да стигне до 2:1 победа над Лихтенштајн благодарение на голот на фудбалерот на Вардар, Тигран Барсегјан.

Scroll to Top