Top Sport

Валенсија против Бетмен: Кога ние го имавме логото вие во САД бркавте бизони

Валенсија ја воодушеви јавноста со својот одговор на тужбата што против клубот ја поднесе „Ди-Си Комикс“, за повреда на авторските права.

Американскиот издавач на стрипови имал примедби на заштитниот знак на шпанскиот фудбалски клуб, што се појави во чест на 100 годишниот јубилеј. Логото ги потсетувало на популарниот супер-херој „Бетмен“.

Логото на клубот направено во чест на јубилејот 1919-2019 прикажува портокалови крилја на лилјак, на црно поле, што не им се допаднало на Американците.

„Ди-Си Комикс“ поднеле тужба до Комисијата за заштита на интелектуалните права на Европската унија, а од клубот од „Месталја“ експресно одговориле.

„Нема да престанеме да го користиме лилјакот бидејќи тоа го бараат „Ди-Си Комикс“. Не постои комерцијален бренд со ексклузивни светски права врз лилјаците. Кога овој клуб играше со лилјак како лого на дресовите во Америка се уште бркаа бизони“, се наведува во соопштението на Валенсија.

Американците во 2014 година се жалеа на грбот што го има Валенсија, но тогаш не поднеле тужба.

Валенсија е основана во 1919 година со лилјак како симбол на клубот. Инаку, лилјакот се поврзува со овој дел на Шпанија, Каталонија и Балеарски острови уште од 13 век, додека логото на „Бетмен“ е креирано во 1939 година.

Scroll to Top