Top Sport

Ван Гал: Ајакс, шампиони? Глупости!

Луис ван Гал ги нападна клубовите кои се обидуваат кризата со корона вирусот да ја искористат во своја корист, обвинувајќи ги Ајакс дека сакаат да ја прекратат холандската Ередивизие порано за да станат шампиони.

УЕФА оваа недела посочи дека мора да има завршница на домашните натпреварувања, заканувајќи се дека тие кои ќе го прекратат шампионатот предвреме може да ги загубат местата во европските купови.

Во Белгија не ги послушаа и го завршија шампионатот, со Бриж како нов шампион, а во исто време техничкиот директор на Ајакс, Марк Овермарс ја нападна Холандската фудбалска федерација за одлуката да се обиде да се продолжи шампионатот. Актуелните шампиони Ајакс се на првото место на табелата, но само поради подобра гол-разлика од АЗ Алкмар, и Ван Гал е лут на својот поранешен клуб.

„Ако кажеме дека корона вирусот е победен, прво ќе треба да се заврши сезоната. Во спортот победникот се одлучува на теренот. Не по 25 меча да одлучиме дека Ајакс е шампион. А тоа што АЗ Алкмар има ист број на поени по три четвртини од шампионатот? Сите спортисти го разбираат тоа. Бесрамно е што здравствената состојба се користи за вакви манипулации. Кој не сака да игра? Клубовите кои се на европските места, освен Феенорд, и клубовите кои испаѓаат“, вели Ван Гал, кој моментално живее во Португалија.

Scroll to Top