Top Sport

Вардар се врати на победите, Шкендија останува на +9

По три натпревари без победа, Вардар, конечно, триумфираше откако со 3:1 беше подобар од Македонија Ѓорче Петров, за да се врати на второто место на табелата  во Првата лига по домашниот пораз на Академија Пандев од Шкупи (0:2), но Шкендија останува на далечни 9 поени разлика по тешката победа над Беласица (3:0).

Вардар го „реши“ натпреварот за само три минути во првото полувреме, по головите на Филип Најдоски во 30. минута и тој на Џемал Ибиши само три минути подоцна. Македонија се закани преку Остоја Стјепановиќ во второто полувреме, пред мечот да биде решен преку повратникот Фелипе во 74. минута. За тимот на Александар Васоски ова е добредојдена победа по двата порази во Тетово (контроверзниот 1:0 од Шкендија и катастрофалниот 4:0 од Ренова)

Шкендија се намачи против Беласица, но стигна до трите поени со 3:0 победа. Изаир Емини го скрши отпорот на струмичани во 54. минута, пред Ибраими со одличен гол од слободен удар да зголеми на 2:0 во 83. минута, за четири минути подоцна гостите да си постигнат автогол.

Академија Пандев, пак, по добрата серија „налета“ на расположениот Шкупи, кој победи со 2:0 за да се вмеша во борбата за четвртото место. Силекс и Ренова одиграа 0:0 во Кратово.

ПРВА ЛИГА, 21.КОЛО

Академија Пандев – Шкупи 0:2

Шкендија – Беласица 2:0

Силекс – Ренова 0:0

Вардар – Македонија Ѓорче Петров 3:1

Победа – Работнички 0:1

Табела: 1.Шкендија 47, 2.Вардар 38, 3.Академија Пандев 36, 4.Работнички 31, 4.Шкупи 30, 6.Ренова 26, 7.Македонија ЃП 22, 8.Силекс 21, 9.Беласица 18, 10.Победа 18.

Фото: ФК Вардар

Scroll to Top