Top Sport

Вечерва разврска во „групата на смртта“

Вечерва и утре ќе се одиграат натпреварите од последното коло, во фазата по групи, во Лигата на шампионите. На програмата вечерва се дуелите во А-Д половината, а во центарот на вниманието ќе бидат пресметките во Ц-групата, каде три тима се борат за првите две места.

Ливерпул во дербито на колото ќе го пречека Наполи, додека ПСЖ ќе гостува во Белград кај Црвена ѕвезда.

Пред ова коло на табелата во Ц-групата води Наполи со девет бода, еден помалку има ПСЖ, Ливерпул е на шест бода, а Црвена ѕвезда има четири.

Во групата има многу комбинации кој и како може да обезбеди пласман во осмина-финалето, дури постои и можност Црвена ѕвезда да го освои третото место и да продолжи во Лига Европа.

Ливерпул е во најтешка позиција бидејќи ќе мора да го победат Наполи, а потоа и да го слушнат резултатот од натпреварот во Белград.

„Не сакате да бидете во нашата кожа вечерва, бидејќи можеме и да испаднеме, а ние сакаме да покажеме дека местото ни е во Лигата на шампионите. Сами сме виновни што се најдовме во ваква ситуација, но знаеме како да се извлечеме“, рекол играчот на Ливерпул Вирџил Ван Дајк.

foto: epa

„Не знам што планираат Ливерпул да направат, знам дека кога се домаќини играат на високо ниво. Ќе се обидеме да одговориме на нивната игра, ние не дојдовме тука да одмориме туку да ја играме нашата игра. Во фудбалот постојат две фази, одбрана и напад, а ние мораме да бидеме добри во двете фази“, изјавил тренерот на Наполи, Карло Анчелоти.

Натпреварите во Ливерпул и Белград ќе започнат во 21 часот.

Во останатите три групи се познати екипите што се пласираа во нокаут фазата, во Д-групата е познато дека Порто е прв, а Шалке на второто место, а Галатасарј и Локомотив Москва се борат за третото место.

Во А-групата, понатаму одат Атлетико Мадрид и Борусија Дортмунд, додека Бриж ќе продолжи в Лига Европа. Нејасно е само кој ќе биде прв во оваа група.

Б-групата ја освои Барселона, а Интер и Тотенхем се борат за второто место. Работите во пресрет на последното коло се јасни, доколку Тотенхем победи во Барселона ќе го освои второто место на табелата, без разлика на резултатот во Милано, каде Интер ќе го пречека ПСВ Ајндховен.

Распоред и табели:

А група:

21.00 Бриж-Атлетико Мадрид
21.00 Монако-Борусија Дортмунд

Табела: Атлетико 12, Борусија 10, Бриж 5, Монако 1

Б група:

21.00 Барселона-Тотенхем
21.00 Интер-ПСВ Ајндховен

Табела: Барселона 13, Интер 7, Тотенхем 7, ПСВ 1

Ц група:

21.00 Црвена ѕвезда-ПСЖ
21.00 Ливерпул-Наполи

Табела: Наполи 9, ПСЖ 8, Ливерпул 6, Црвена ѕвезда 4

Д група:

18:55 Шалке-Локомотив Москва
18:55 Галатасарај-Порто

Табела: Порто 13, Шалке 8, Галатасарај 4, Локомотив 3

Scroll to Top