Поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер вели дека УЕФА е во право што го казнува Манчестер сити за прекршување на финансискиот фер-плеј, но признава дека мора да има некоја „еволуција“ во праваилата во спортот.
УЕФА го исфрли Сити во Лигата на шампионите во следните две сезони и ги казни со 30 милиони евра за лажирање на податоците за спонзорствата на клубот, кој потврди дека ќе се жали кај Судот за арбитража во спортот (ЦАС).
Венгер, кој сега работи во ФИФА како шеф за глобален развој, вели дека мора да се стави ограничување на парите кои се трошат, но дека мора да се работи на тоа да нема сомнеж околу легалноста на одлуките.
„Секогаш сум бил за контрола на финансиите. Клубовите треба да работат со природните приходи кои ги имаат. Правилата се тие, и сигурен сум дека е потребно мало менување на некои делови, но мора да се почитуваат. Луѓето кои ќе бидат фатени дека не ги почитуваат мора да бидат казнети. Треба да се докаже дека тоа е направено намерно, нели? Спортот е за победа со почитување на правилата. Ако нема почитување, тогаш тоа не е спорт“, објаснува Венгер.