Арсен Венгер со саркастична забелешка му врати на својот поранешен напаѓач, Тјери Анри, кој тврдеше дека има знаци на несогласувања во соблекувалната на Арсенал.
Во текот на 3:2 победата над Кристал Палас, само четири играчи му се приклучија на Алексис Санчез во радувањето по голот, по што Анри оцени дека тоа не е добар знак за клубот.
„Очигледно има поделби во тимот. Тој ги вика да прослават, тие не доаѓаат. Не се тука за Санчез туку за Арсенал. Лошо“, коментираше Анри.
Сепак, при 1:1 ремито во неделата со Вест Бром, Санчез постигна гол од слободен удар и сите славеа со него. Венгер вели дека е тешко да се очекува Анри да кажува нешто интелигентно постојано.
„Не слушам што кажува тој и другите луѓе. Се фокусирам на тимот и на ништо друго. Има луѓе кои се платени да зборуваат и понекогаш кога е така, треба само да зборуваш, да зборуваш, и тешко е да кажуваш само работи кои се вистинити и интелигентни“, вели Венгер.