Арсен Венгер вели дека Арсенал не го добиле потписот на Кристијано Роналдо како тинејџер, бидејќи клубот не сакал да ја прифати цената од 12 милиони фунти, колку што Манчестер јунајтед платија да го добијат од Спортинг Лисабон.
Во интервју за официјалниот веб-сајт на Арсенал, Венгер признава дека најмногу жали за потписот на Роналдо, бидејќи биле многу блиску до неговиот потпис кога тој имал 18 години во 2003 година.
„Тој беше тука со неговата мајка и бевме многу блиску. Но, тогаш Ман јунајтед дојдоа и во тимот го имаа Карлос Кеирош. Јунајтед играа со Спортинг и Роналдо беше фантастичен и тие потпишаа со него. Секогаш има нешто што би го направил поинаку, но проблемот во преговорите е да знаеш кога да се предадеш, а кога да одиш понатаму. Додека бевме на 4.5 милиони фунти преговаравме, но неговиот агент Жорге Мендеш доби понуда од 12 милиони фунти, нешто што тогаш не можевме да си го приуштиме“, вели Венгер.
Арсенал следната сезона ја имаа спектакуларната сезона на „Непобедливите“, но Роналдо ги предводеше Јунајтед со три титули во низа од 2007 година. „Топчиите“ немаат лигашка титула од таа 2004 година и Венгер вели дека работите би биле поинакви со Роналдо во тимот.
„Можете да замислите како ќе беше во ист тим да го имате Тјери Анри и Роналдо? Тоа ќе ја променеше мојата историја во клубот сигурно“, признава Венгер.