Менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер ги отфрли тврдењата дека Пеп Гвардиола го „кренал“ нивото на фудбалот во последната деценија.
Шефот на Манчестер сити, кој претходно имаше фантастичен успех со Барселона и со Баерн Минхен, постојано е фален дека направил револуција во фудбалот со стилот на игра, а сега пред дуелот во финалето на Лига купот во неделата, Венгер вели дека влијанието на 47-годишниот Шпанец не е толку големо.
„Не, бидејќи ако погледнете кон Барселона, тие уште се најдобриот тим во Европа и без него. Морате да прифатите дека модерниот фудбал се смени со ангажирањето на најдобрите фудбалери на светот во одреден мал број на клубови. Ние, како менаџери можеме да влијаеме на филозофијата на играта, но спортот им припаѓа на фудбалерите, бидејќи сега нивната важност е уште поголема“, вели Венгер.
Арсенал последните четири сезони освојуваат титули – ФА купот во 2014, 2015 и 2017 и Комјунити шилд во 2014 и 2015 и Венгер верува дека Арсенал има предност во дуелот со Сити на „Вембли“
„Во финалето никој не сака да загуби. На крајот, сакаш да бидеш кул. Бидејќи Манчестер сити доминира во лигата, сите сметаат дека ние сме аутсајдери, но историјата е на наша страна“, додава Венгер.