Џампјеро Вентура вели дека на неговиот наследник на клупата на Италија ќе му биде потребна среќа, и додаде дека нема единствена причина за неуспехот на „аѕурите“ да се пласираат на СП во Русија.
69-годишниот Вентура беше отпуштен два дена откако Италијанците одиграа 0:0 со Шведска во Милано, со што Шведска ги елиминираше со 1:0 вкупен резултат во баражот. Италијанскиот печат неуспехот да се оди на едно СП првпат од 1958 година го нарече „апокалипса“ и сега се бара замена за Вентура, со Карло Анчелоти како прв кандидат.
„Поразите, посебно најболните, не можат да се објаснат со една причина. Јас ќе бидам најголемиот навивач на Италија и се надевам дека мојот наследник ќе ја врати Италија каде што ѝ е местото. Минатите денови беа тешки и полни со разочарување. Се чувствувам некомплетен во моментов. Бев горд што бев на чело на тимот како никогаш досега и никогаш нема да се повтори тоа. Работев напорно, го дадов максимумот со целосна сериозност и професионализам, но не успеав во тоа што требаше со група момци на кои секогаш ќе им бидам благодарен“, вели Вентура во интервју за новинската агенција „Анса“.