Top Sport

Весли: Да се игра во Премиер лигата е лесно кога ќе станеш татко на 14 години

Напаѓачот на Астон вила, Бразилецот Весли вели дека настапите во Премиер лигата се „послатки“ откако во неговиот живот помина толку многу пречки за да стигне до фудбалската елита, вклучувајќи го фактот што станал татко на 14 години.

Весли бил одбиен од Атлетико Мадрид, Нанси и Евијан по фудбалските тестови, пред да почне да работи во локална фабрика во татковината. Повикот од словачкиот тим Тречнин го натерал да се врати на фудбалот, пред да замине во Бриж и ова лето да стане најскапото засилување во историјата на Астон вила.

Проблемите во фудбалот се минимални во споредба со тоа што тој проживеал во приватниот живот. Весли останал без татко кога имал 9 години, а на 14 години самиот станал татко. Неговата мајка се покажала како клучна во неговата кариера.

„Кога почина мојот татко, беше тешко да сум сам со мама и со моите браќа, но таа работеше за мене и сè што денеска го правам, го правам за неа. Кога ќе завршам со било кој тренинг, и се јавувам на телефон. Го добив првото дете кога имав 14 години, во период кога се обидував да направам кариера со фудбалот. Морав да работам во текот на денот, и вечерта да одам на тренинзи“, вели 22-годишниот Весли во интервју за „Скај спорт“.

Покрај сите овие проблеми, тој има и физички недостаток – едната нога му е пократка од другата.

„Тоа е најмалиот проблем. Среќен сум што сум во Премиер лигата, најсилната лига на светот. Секој ден размислувам за минатото, за тоа како ме одбиваа, така што сега сум среќен. Се надевам дека така ќе продолжи“, додава Весли.

Scroll to Top