Фудбалерите на Баерн Минхен, со нестварен пресврт победија во Мајнц. Новиот шампион до победата дојде откако се врати по минусот од три гола.
Баварците губеа по првото полувреме со 0:3, но на крајот победија со 4:3.
Актуелниот шампион на Германија математички ја потврди новата титула во претходното коло, кога го победија Штутгарт на домашен терен, па немаа никакво натпреварувачко значење во овој натпревар.
Особено што за неколку дена ги очекува првиот дуел од полуфиналето на Лигата на шампионите против ПСЖ. Поради тој дуел во Париз, тренерот Винсент Компани извади малку изменет состав.
Овој различен состав на Баварците не се снајде добро на теренот, што Мајнц го искористи на најдобар начин, но само во првото полувреме.
Доминик Кор погоди за 1:0, во 15-та минута, а на истекот на 30-та, Небел го дуплираше водството на Мајнц.
Во финишот на првото полувреме, Жералдо Бекер постигна неверојатен гол за сите навивачи на Мајнц, кои не можеа да поверуваат дека нивниот тим има водство од три гола против моќниот Баерн по првото полувреме.
На почетокот од второто полувреме, Компани направи неколку измени, што веднаш се почувствува на теренот.
Кејн и Олисе влегоа во игра, потоа и Станишиќ и Мусијала, а пред тоа Баерн го намали водството на Мајнц преку Николас Џексон.
Драма на крајот од натпреварот донесе Михаел Олисе, кој ја намали предноста на Мајнц на 3:2 со феноменален удар од работ на шеснаесетникот.
Сите измени што ги направи Компани се исплатија, па израмнувањето дојде во 80-та минута, кога Џамала Мусијала буквално турна топката во мрежата.
Паника веќе влезе во редовите на фудбалерите на Мајнц, кои се плашеа од нов гол, а тој дојде три минути подцна кога погоди Хари Кејн.
Foto/ EPA
