Барселона, официјално потврди дека долгоочекуваното враќање на „Камп Ноу“ ќе се случи во недела, 10 август 2025 година, за време на традиционалниот Трофеј Џоан Гампер. Иако противникот сè уште не е официјално потврден, италијанскиот Комо моментално е главен фаворит.
Тоа ќе биде прво појавување на машкиот тим на „Камп Ноу“ по повеќе од две години реновирање, а се очекува стадионот да има намален капацитет од околу 25.000 гледачи во таа фаза, иако ова сè уште не е официјално објавено.
Клубот најавува и посебна програма на активности што ќе се одржат по повод големото отворање, а деталите ќе бидат објавени во наредните недели.
Барселона беше привремено преместена на олимпискиот стадион „Монжуик“. Од клубот објавија дека „емоцијата на фудбалот се враќа во храмот со сино-гранат, во срцето на Лес Кортс“.
Сепак, јасно беше наведено дека работите нема да бидат целосно завршени.
Останува да се заврши изградбата на третата трибина, двојниот ВИП прстен, покривот (чија инсталација е планирана од летото 2026 година) и последните внатрешни и надворешни прилагодувања на стадионскиот комплекс.
Клубот ветува максимални напори да им обезбеди на сите навивачи и членови најпријатно можно искуство, со прилагодување на пристапот и услугите на стадионот.
Ова соопштение дојде еден ден откако Барселона ја почна кампањата „Се враќаме дома, повторно вибрираме“, серија акции исполнети со емоции, симболика и идентитет.
Промотивни пикап возила во боите на Барса се движеа низ центарот на градот со инсталирани звучници и ги емитуваа амбиенталните звуци на стадионот.
Денот кулминираше со проекции на клупските легенди: Меси, Кројф, Роналдињо, Деко и Стоичков на фасадите на знаменитостите на Барселона. Со овој проект, Барса сака дополнително да го поврзе клубот со својот град и соседство. „Espai Barça“ не е само спортски проект, туку и како урбан, социјален и културен придонес кон Барселона, Ле Кортс и Каталонија.
Tornem a casa, vibrem pic.twitter.com/ZMo6PAh1BQ
— FC Barcelona (@FCBarcelona_cat) June 25, 2025