Top Sport

(Видео) Безидејниот Манчестер јунајтед поразен во Њукасл

Foto/ EPA

Њукасл го победи Манчестер јунајтед со 1:0 (0:0), во 14.коло во Премиер лигата. Натпреварот на „Сен Џејмс Парк“ го реши Ентони Гордон. Њукасл со оваа победа се искачи на петтото место со 26 бода, а Јунајтед кој го доживеа вториот пораз на последните шест натпревари, остана на седмото место со 24 бода. Манчестер јунајтед веќе има шест порази во Премиер лигата.

Избраниците на Еди Хау ја заслужија победата бидејќи доминираа во текот на целиот натпревар.

Јунајтед прв се закани преку Гарначо, кој имаше ситуација еден на еден со Поуп, но репрезентативецот на Англија успеа да го спаси својот гол.

Следеа нападите на „страчките“ и шансите на Алмирон, Исак, односно Трипие кој ја погоди гредата, но резултатот по првиот дел беше 0:0.

Моментот кој го реши прашањето околу конечниот победник се случи во 55. минута, Гимареш комбинираше со Трипие кој му асистираше на Гордон, а на поранешниот фудбалер на Евертон не му беше тешко да го совлада Онана.

Ерик тен Хаг се обиде да го размрда својот тим со две измени, влегоа Хојлунд и Антони, но тоа не донесе напредок во играта на Јунајтед.

Одбраната на Њукасл спаси добар обид на Регуилон, а во 89. минута голот на Антони беше поништен поради офсајд во кој беше Хари Мегваер.

До крајот на натпреварот, Њукасл успешно се справуваше со нападите на Јунајтед и оствари минимална победа.

Scroll to Top