Реал Мадрид и Манчестер сити одиграа 1:1 во првиот меч од полуфиналето на Лигата на шампионите на „Сантијаго Бернабеу“, за да осигураат фантастична пресметка во реваншот во Англија, каде што ќе се одлучува патникот во големото финале.
Во реприза на двомечот од пред една сезона, навивачите на Реал Мадрид ги пречекаа своите херои на стадионот со кореографија на која потсетија дека се „газди“ во Лигата на шампионите со своите 14 трофеи. Сити, уште во лов на првата титула од европската елита, почнаа со апсолутна доминација во поседот на топката, притискајќи ја одбраната на Реал, но без многу стоотстотни шанси.
Кога изгледаше дека „виси“ голот на домаќините, во 36. минута тимот на Карло Анчелоти покажа зошто е многу опасен – по една брза акција на Едуардо Камавинга, Винисиус Жуниор постигна прекрасен гол за водство на актуелните шампиони. Во второто полувреме, гостите повторно се потпреа на својата теренска доминација, но и сега тешко се доаѓаше до голот на Тибо Куртоа до 67. минута, кога Кевин де Брујне постигна уште еден прекрасен гол за израмнување.
Во второто полуфинале, утре на „Сан Сиро“ во првиот меч се среќаваат градските ривали Интер и Милан.