Top Sport

(Видео) Крос призна дека Баерн бил оштетен во Мадрид

Драматичниот реванш во полуфиналето од Лигата на шампионите помеѓу Реал и Баерн (2:1) минатата недела го одбележа судиска грешка на штета на гостите во финишот на натпреварот.

Полскиот судија Шимон Марчинијак во судиското надополнување ја прифати одлуката на помошникот кој сигнализираше офсајд. Сметаше дека Мазрауи е во недозволена позиција, иако десното крило на Баерн не беше во офсајд.

Фудбалерите и навивачите на Баерн лути на оваа одлука се уште тврдат дека им е украден чист гол за 2:2.

Една недела по оваа одлука и натпреварот се огласи и Тони Крос. Легендата на Реал, но и на Баерн тврди дека неговиот поранешен тим бил оштетен на „Сантијаго Бернабеу“.

„Тоа беше лоша одлука. Мораме да оставиме играта да продолжи и да заврши акцијата“, изјави Крос во подкастот што го води со неговиот брат Феликс и дополни.

„Мислам дека грешката е на помошниот судија, бидејќи ако го подигне знамето, судијата му верува и смета дека се е јасно. Поточно, дека станува збор за офсајд“.

Крос продолжува:

„Гневот на Баерн е оправдан бидејќи мораме да се соочиме со ситуацијата до крај. Не знам дали сите престанаа да играат бидејќи свирежот се слушна уште пред ударот на Де Лигт да заврши во голот. Можеше да се види дека оние од обраната малку застанаа“.

Во секој случај, Реал победи се пласира во финалето на Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд на 1 јуни на Вембли.

Scroll to Top