Top Sport

(Видео) Мијатовиќ и Итуралде Гонзалес: Винисиус покажа немоќ, требаше да добие црвен картон

Реал Мадрид, синоќа со многу среќа и мала судиска помош успеа да го елиминира Лајпциг од Лигата на шампионите. Германскиот тим доминираше среде Мадрид, но неговите играчи не знаеја да постигнат повеќе од еден гол.

Свирежите на „Сантијаго Бернабеу“ се најдобра илустрација како играше Реал против Лајпциг.

По мечот, се издвојува еден детал, кој на крајот се покажа како клучен за пласманот на Реал во четвртфиналето. Тоа е моментот во 54.минута, кога судијата Давиде Маса, не смееше или не сакаше да му покаже црвен картон на Винисиус Жуниор. Десет минути подоцна Бразилецот, постигна гол.

„Морам да кажам една работа, замислете ако на првиот натпревар поништениот гол за Лајпциг беше поништен гол за Реал, сите ќе зборувавме дека УЕФА не нè сака и дека сите се против нас“, рече легендата на Реал, Предраг Мијатовиќ и дополни.

“Нема никакво оправдување за тоа што го направи Винисиус. Во ова натпреварување кога го носиш овој дрес таквото однесување е недозволиво. Особено затоа што така реагираше бидејќи дотогаш беше немоќен, па фрустрацијата од својата лоша игра ја претвори во агресија, поради која тимот можеше да остане со фудбалер помалку на теренот“.

Итуралде Гонзалес, поранешен меѓународен судија, а сега судиски стручњак за „АС“, исто така е на ставот дека Бразиелцот требало да биде исклучен.

„Винисиус требаше да биде исклучен. Или да добие два жолти картони, едниот за прекршокот, а другиот за фаќање на противникот за врат, или требаше да добие црвен картон затоа што со двете раце го фати противникот за врат. Судиите му помогнаа на Реал, требаше да останат со играч помалку по ваквото однесување на Винисиус. И потоа тој што требаше да биде исклучен даде гол“.

Со ова се согласува и Томаш Ронсеро, заменик уредник на „АС“ и жесток навивач на Реал: „Судиите згрешија во оваа ситуација“.

Scroll to Top