Top Sport

(Видео) Салах со два гола го реши „Мерсисајд дербито“

Ливерпул го победи Евертон во „Мерсисајд дербито“ со 2:0. Двата гола за „црвените“ ги постигна Мохамед Салах.

Ливерпул со јасен план влезе во мечот, ја контролираше играта, но клучниот момент се случи во 37.минута кога ветеранот Ешли Јанг го доби вториот жолт картон.

Избраниците на Шон Дајч заминаа на пауза без примен гол, а Ливерпул повторно тргна агресивно и во вториот дел.

Во неколку наврати домашните фудбалери бараа пенал од судијата Крег Паусон, а како одминуваше натпреварот стануваше се појасно дека одлуката ќе падне од „белата точка“.

Непосредно пред да му досуди пенал на Ливерпул, Паусон можеше уште еднаш да свирне по ударот на Петерсон против Диас. Сепак, во ВАР собата утврдија дека нема прекршок.

Само неколку моменти подоцна, Дијас нафрли, а топката удри во раката на Мајкл Кин. Таа беше во неприродна положба, па не беше тешка одлука да се изрече најстрогата казна.

Топката ја пласираше Салах и сигурно го реализираше пеналот. Пикфорд не ја погоди страната, а и да беше, немаше да може да ја запре топката.

Салах постигна уште еден гол пред крајот, кога неговиот тим конечно искористи една од контра во седмата минута од судиското надополнување.

Scroll to Top