Top Sport

(Видео) Шпанија-Бразил 3:3, судијата најлош актер на теренот

Спектакуларен натпревар на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид одиграа Шпанија и Бразил, во кој најслаб актер беше судијата Антонио Нобре.

Бидејќи ова беше пријателски натпревар, Португалецот немаше помош од ВАР технологијата, поради што со неколку неразбирливи одлуки внесе нервоза кај играчите на двете репрезентации.

Се чини дека во финишот едвај го дочека стартот на Дани Карвахал над Галено за да го досуди третиот пенал на мечот, а само еден за Бразил (и единствениот оправдан).

Така, во шестата минута од судиското надополнување, Лукас Пакета од 11 метри го совлада Унаи Симон и го постави конечниот резултат: Шпанија – Бразил 3:3 (2:1).

Бразилците го прославија ова реми како да го освоиле светскиот шампионат, лути од арбитражата на Нобре.

Се започна со непостоечки пенал за домашните во 12. минута, кога младиот Јамин Џамал добро одглуми по стартот на Вендел, а кулминираше со уште еден пенал по сударот меѓу Карвахал и Андреас Переира во 87. минута.

Капитенот Родри ги реализираше пеналите за Шпанија, која имаше предност од два гола по половина час игра. Вториот гол за Шпанија на Дани Олмо беше вистинска минијатура.

Стрелец за Бразил беше и тинејџерот Ендрик, кој за неколку месеци ќе се пресели во Реал Мадрид.

Scroll to Top