Фудбалерите на Манчестер Сити го совладаа Фулам на „Крејвен Котиџ“ (4:0), во првиот натпревар од 37. коло на Премиер лигата.
Двоен стрелец беше Јошко Гвардиол, кој во 13. и 71. минута ја погоди мрежата на Бернд Лено.
Гол за „граѓаните“ постигнаа и Фил Фоден во 59. минута, а Хулијан Алварез од пенал во седмата минута од судиското надополнување, при што беше исклучен Иса Диоп.
Сити, со оваа победа се врати на првата позиција на табелата. Екипата на Гвардиола има 85 бодови, два повеќе од Арсенал.
До крајот на сезоната Сити има натпревари против Тотенхем во Лондон (вторник, 21 часот) и Вест Хем на „Етихад“ (недела, 17 часот).
Исто така, Сити ќе игра и во финалето на ФА Купот, на 25 мај против градскиот ривал Јунајтед.