Реал Сосиедад направи големо изненадување, во 35.коло славеа против Барселона гости со 2:1. Ова е прва победа на Сосиедад на „Камп Ноу“ по пауза од 33 години. Со овој триумф тимот од Сан Себастијан направи голем чекор кон пласман во Лигата на шампионите.
Барселона ја обезбеди титулата шампион на Шпанија со победата против Еспањол во минатото коло, па дуелот со Сосиедад требаше да биде славвенички. Сепак гостите од Баскија барем малку им ја расипаа забавата на играчите и навивачите на Барселона.
На крајот од натпреварот челниците на Ла Лига им го врачија шампионскиот пехар на фудбалерите на Барселона, пред дури 88.049 гледачи.
Гостите поведоа во раната фаза на натпрварот, во шестата минута по грешката на Кунде, Мерино го совлада Тер Штеген.
Барселона беше поангажирана во продолжението, но гостите беа крајно опасни на контра нападите. Еден од нив го реализираа за конечен триумф, во 72. минута Зубименди фантастично го проигра најдобриот поединец на натпреварот, Сорлот, кој рутински го матираше Тер Штеген.
До крајот на натпреварот најдобриот стрелец во лигата Роберт Левандовски во 90. минута го намали резултатот. Полјакот ја зголеми предноста пред Карим Бензема на листата на стрелци, сега има 22 гола, пет повеќе од Французинот.
Реал Сосиедад со оваа победа, на три кола до крајот на сезоната има пет бода повеќе Виљареал, на четвртата позиција која води во групната фаза од Лигата на шампионите.