Top Sport

Вијали за борбата со ракот: Ги криев солзите од сопругата и децата

Италијанската фудбалска легенда, Џанлука Вијали открива дека се криел во нивниот тоалет за да ги скрие солзите од неговата сопруга и децата додека се бореше со ракот.

55-годишниот Вијали двапати ја доби битката со ракот на панкреасот, по низа операции, хемотерапија и радиотерапија, пред неодамна да потврди дека е целосно здрав. Тој загуби 20-тина килограми од болеста, и сега вели дека полека ги враќа мускулите, но дека се плаши од враќањето на болеста.

„Физички се чувствувам одлично, мислам дека полека ги враќам мускулите. Тренирам секој втор ден со мојата сопруга, но признавам, уште сум исплашен и преокупиран со болеста. Тоа чувство ќе потрае, бидејќи кога ќе се разбудам со болка во стомакот или малку температура, веднаш си помислувам дека се вратила болеста“, вели Вијали во интервју за британскиот весник „Тајмс“.

Вијали, кој е оженет со Англичанката Кетрин и има две ќерки кои се тинејџерки, вели дека тие му помогнале да ја преброди менталната криза, но додава дека ги криел емоциите од нив.

„Моите ќерки ми помогнаа да ги нацртам веѓите, а мојата сопруга е експерт за шминка. Се смеевме, и моравме да го правиме тоа за да преживееме. Никој не сака да ти се случи таква работа, но од друга страна тоа е шанса да се запознаеш себеси подобро. Јас се свртев кон медитацијата, иако никогаш претходно не го правев тоа. Сите сме луѓе. Понекогаш се криев и плачев во тоалетот за да не ме гледаат“, додава Италијанецот.

Scroll to Top