Шпанските прволигаши Вилјареал и Хетафе инсистираат дека не прекршиле ниту едно правило на Ла лига, откако шпанските медиуми објавија дека полицијата истражува можно местење на 2:2 мечот од Ла лига минатата сезона.
„Вилјареал и првиот тим целосно ги отфрлаат обвиненијата кои се појавија во медиумите и демантираат било каква вклученост во местење на мечот со Хетафе во последното коло од минатата сезона“, се вели во објавата на Вилјареал.
Хетафе исто така со соопштение „категорички“ ги отфрлија обвинувањата за местенка. Според весникот „Ел паис“, мечот е разгледуван како дел од „Операција Оикос“ започната минатата година, во која 11 луѓе се уапсени за профитирање од нелегално обложување.
Хетафе мораа да ги победат Вилјареал за да имаат шанса да се квалификуваат за Лигата на шампионите, додека Вилјареал немаа мотив за било каков резултат. Валенсија со 2:0 го совлада Валјадолид истиот ден, што значеше дека Хетафе немаше да се квалификува за ЛШ ниту со победа над Вилјареал.
Ова е втор ваков случај кој се појавува во шпанскиот фудбал, откако минатиот месец, пет поранешни директори на Осасуна и двајца поранешни фудбалери на Реал Бетис добија затворски казни за местење на мечеви во 2013 и 2014.