„Жолтата подморница“, Вилјареал стигна до 3:2 победа во Бергамо над Аталанта, за да го обезбеди второто место во групата Ф зад Манчестер јунајтед, и да стане последниот, 16-ти тим кој се пласирал во осминафиналето на европското елитно натпреварување.
Мечот во северна Италија вчера беше одоложен, откако силниот снег не дозволи игра, и во денешниот рестарт, Вилјареал имаше фантастичен старт и 0:3 водство, пред Аталанта да го направи финишот на мечот интересен. Арнаут Данџума уште во втората минута ги шокираше домашните навивачи, пред Етјен Капу во 42. минута да зголеми на 0:2.
Данџума со својот втор гол во 51. минута како да стави точка на натпреварот, но Аталанта не се предаде. Роман Малиновски во 71. минута намали на 1:3, Дуван Запата само девет минути подоцна намали на 2:3, што значеше дека на „Ла деа“ им беше потребен само еден гол за реми, кое ќе ги кренеше нив на второто место на табелата.
Носители на ждрепката за осминафиналето ќе бидат победниците на групите: Ајакс, Баерн Минхен, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус, Лил.
Во групата на неносители покрај Вилјареал се: ПСЖ, Челси, Атлетико Мадрид, Интер, Спортинг Лисабон, Салцбург и Бенфика.