Top Sport

Вилјареал се врати по почетниот шок против Јуве, Челси сигурни против Лил

Вилјареал се врати од шокантниот гол по само 32 секунди на Душан Влаховиќ, за да извлече 1:1 реми против Јувентус, додека европскиот шампион Челси дома на „Стемфорд Бриџ“ со 2:0 го совлада Лил за да патува на реваншот со голема предност.

Само што почна мечот на „Керамика“ во Вилјареал, Душан Влаховиќ во 32. секунда од својот прв меч во елитното европско натпреварување ги замолче шпанските навивачи со убав гол, со малку помош на голманот Херонимо Рулји.

Сепак, по ова „жолтата подморница“, инаку актуелен шампион од Лига Европа, покажа дека не е тим за потценување, и имаше повеќе од шансите пред голот на Шчесни, пред во 66. минута Дани Парехо по лошата реакција на одбраната на Јуве да израмни на 1:1.

Во Лондон пак, Томас Тухел реши да го остави најскапото засилување во историјата на клубот, Ромелу Лукаку на клупата поради „умор“, но и без него „сините“ се покажаа за посилен противник од актуелниот француски шампион.

И тука падна гол рано – веќе во 8. минута, откако промаши две убави шанси, Каи Хаверц по корнерот на Хаким Зијеш го донесе премиерлигашот во водство. Тоа беше удвоено во 63. минута, кога Н’Голо Канте имаше фантастичен продор во противничкиот шестнаесетник за да му асистира на Кристијан Пулишиќ за 2:0.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, ОСМИНАФИНАЛЕ, ПРВ МЕЧ

Вилјареал – Јувентус 1:1

Челси – Лил 2:0

Scroll to Top