Top Sport

Винисиус вети: Ќе продолжам да танцувам

Ѕвездата на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор вели дека ќе продолжи да танцува по секој постигнат гол, откако во последните месеци стана мета на навивачите на ривалите, кои покрај вообичаените навреди ја преминуваат и границата на расизмот.

И во саботата, кога Реал победи со 2:0 на гости кај Осасуна на стадионот „Ел Садар“, Винисиус беше мета на расистички извици и навреди од публиката, по што на тоа одговори преку Твитер пред мечот од ЛШ против Ливерпул: „Навредите продолжуваат, но и танцувањето продолжува. Ќе се видиме во Ливерпул“.

Во саботата, Ла лига формираше нова комисија која ќе ги разгледува навредите упатени кон Винисиус и ќе реагир до крајот на сезоната.

„Ла лига не смее да има фудбалер кој излегува на теренот и е навредуван. И тоа со сериозни навреди. Мораме да најдеме решение. Винисиус мора да може да игра фудбал без да биде навредуван. Ова не смее да се дозволи“, изјави претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас.

Вини доби поддршка и од менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, кој беше шокиран од прашањето дали нешто може да ги „оправда“ навредите кои ги добива Бразилецот. Да потсетиме, токму Винисиус беше стрелец во минатогодишното финале на ЛШ, кога Реал со 1:0 ги совлада Ливерпул.

„Што е прашањето? Тоа дека Винисиус прави нешто на теренот што може да го предизвика тоа? Нема ништо на светот што може да го оправда тоа. Зарем мислите дека би кажал да? Тоа е сосема лудо. Тој е првокласен фудбалер и не можете да го оставите во позиции еден-на-еден. Тоа што даде гол за освојување на ЛШ веќе го прави легенда на Реал“, вели Клоп.

Scroll to Top