Top Sport

Вистинска битка на Давид и Голијат – осмолигашот Марин го пречекува Тотенхем

Едните имаат стадион кој чини милијарда фунти и го имаат „специјалниот“ Жозе Мурињо за тренер. Другите, пак играат во Северната Премиер лига – дивизија еден – северозапад, односно осмата лига по вредност во Англија и пласманот во третото коло на ФА купот им е најголем успех во историјата на клубот (основан во 1894 година).

Во вистинска борба на фудбалски Давид и Голијат, Марин АФЦ, клубот од предградието на Ливерпул го пречекува Тотенхем на својот стадион со 3.800 седишта, откако претходно благодарение на помошта на ливерпулските премиерлигаши Ливерпул и Евертон имаше каде да тренира за мечот.

Жозе Мурињо изјави дека најдобар начин за Тотенхем да покаже почит кон осмолигашот е да постави силен тим, но менаџерот на Марин, Нил Јанг вели дека би сакал Хери Кејн и Сон Хеунг-Мин да не играат.

„Се надевам дека нема да играат! Имаат многу фудбалери кои можат да играат во нападот и се од светска класа. Ми падна косата на почетокот на неделата размислувајќи за овој меч. Би сакал да имам пет минути насамо со Жозе, само за обичен муабет. Но, не знам дали ќе смееме да го направиме ова поради правилата за КОВИД“, вели менаџерот со рокерско име и презиме.

Капитенот на Марин, Најал Каминс, пак, вели дека има посебен мотив против Тотенхем, бидејќи е навивач на лутите ривали на Спартси, Арсенал.

„Не требаше да го откривам тоа, може да ми се врати. Но, последните денови имам мисли во главата – што би кажал по мечот ако ги победиме Тотенхем? Разликата меѓу нив и нас? Тие имаат готвачи, а моите играчи јадат што ќе им зготвам јас“, вели со насмевка Каминс.

Scroll to Top