Манчестер сити и Ливерпул одиграа фантастично англиско дерби, кое заврши без победник 1:1, но покажа дека тие два клуба се најсериозните кандидати за титулата во Премиер лигата и оваа сезона.
Мечот на двата последни англиски шампиони започна со едно фантастично прво полувреме, со напаѓачки фудбал, два гола, два пенали и многу трчање. Мохамед Салах им донесе водство на „црвените“ со гол од пенал, пред Сити да одговорат со убав гол на Габриел Жесус, а Сити имаа огромна шанса да го решат победникот, кога и тие добија удар од белата точка, кој Кевин де Брујне некарактеристично го промаши.
Второто полувреме се играше со помал интензитет, и на крајот двата тима се задоволија со еден поен. Овој резултат значи дека Лестер останува лидер во Премиер лигата со 18 поени, додека Ливерпул се трети со 17, колку што имаат и второпласираните Саутемптон. Сити се само 11-ти со 12 поени, но и натпревар помалку.