Top Sport

Во новите лимити за плата во Ла лига, Барселона е негативна!

Надежите на Барселона дека во летниот преоден рок ќе можат да го донесат Ерлинг Халанд добија силен „удар“ откако шпанската Ла лига ги објави лимитите за плата во шампионатот, и само Барселона има негативен скор.

По зимскиот преоден рок, Ла лига го објави најновиот лимит на ограничувања на платите во сите клубови во првата и втората шпанска лига, каде што само Барселона имаат негативен скор. Лимитот за трошење на Барса во текот на летото падна на 97 милиони евра, но сега сумата е -144 милиони евра по пристигнувањето на Дани Алвеш, Феран Торес, Пјер-Емерик Обамејанг и Адама Траоре на „Ноу Камп“.

„Намалувањето од 242 милиони евра значи дека било предвидено дека Барселона ќе има помали загуби од реалноста. Негативниот лимит не значи ништо околу пристигнатите засилувања, но значи дека ќе има поголеми ограничувања во следните сезони, доколку нема зголемување на профитот на клубот“, објаснува корпоративниот директор на Ла лига, Хавиер Гомез.

Дури и во случај на оваа негатива, Барселона може да носи нови засилувања, но само ако се внесат нови пари во клубот. Тие можат да искористат 25 отсто од продажбата на нов фудбалер за ново засилување, процент кој при одредени услови може да скокне на 50 отсто.

Преостанатите 19 клубови од Ла лига имаат позитивни лимити, со Реал Мадрид со најголем лимит од фантастични 739 милиони евра, по што следуваат Севилја (199 милиони евра) и Атлетико Мадрид (161 милиони евра).

Scroll to Top