Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез и неговите директори не чекаа ниту 24 часа да „слегне прашината“ по заминувањето на Зинедин Зидан, и веќе контактирале со аргентинскиот тренер на Тотенхем, Маурисио Почетино, тврди „Марка“.
Шпанските и англиските медиуми го посочија младиот стратег Почетино, како прва цел на „Лос бланкос“ и тие сакаат брз одговор дали е можно Аргентинецот да дојде на „Сантијаго Бернабеу“, бидејќи само пред неколку дена тој потпиша нов договор со тимот од Лондон.
Според „Марка“, иако во договорот на Почетино нема клаузула со која тој би заминал ако Реал Мадрид го побараат, тој има усен договор со претседателот на клубот, Даниел Леви, за да замине во Шпанија. Од Англија го демантираат ова.
Почетино заработува околу 8 милиони фунти годишно со новиот договор, со што е четврт најдоброплатен тренер во Премиер лигата, а според шпекулациите пред договорот тој добил уверувања дека Тотенхем ќе има пари за трошење за градење на посилен тим.
Почетино помина осум години како фудбалер во Шпанија, пред од 2009 до 2012 година да биде менаџер на Еспањол.