Top Sport

Во Реал оценија: Ниту едно засилување (освен Нејмар) не вреди 100 милиони евра

Хулен Лопетеги го имаше првиот тест како тренер на Реал Мадрид, при 2:1 поразот од Манчестер јунајтед на американската турнеја во Мајами, и според „Марка“ веќе се направени некои клучни одлуки за иднината на клубот.

Лопетеги смета дека Марко Асенсио ќе биде достојна замена за Кристијано Роналдо во нападот, наместо да се трошат огромни суми на Еден Азар. Според „Марка“ во Реал постои консензус дека ниту еден фудбалер (со исклучок на Нејмар, кој не заминува од Пари Сен-Жермен) не вреди над 100 милиони евра, така што барањето на Челси за 200 милиони евра за Азар, значи дека договор нема да има.

Во Реал се сигурни дека Асенсио ќе ја искористи својата шанса на левото крило, и довербата во младото момче од Мајорка оди дотаму што и претседателот Флорентино Перез решил дека нема трошење на големи пари сѐ додека Нејмар не реши да замине од Париз, најверојатно следната година.

Лопетеги исто така има доверба и во другите млади фудбалери во составот, така што не би било чудно Винисиус, Дани Себалјос и Мартин Одегард да добијат поголема шанса оваа година. Новиот тренер, слично како и Зинедин Зидан пред него, вели дека е совршено задоволен од својот состав и дека нема потреба од нови фудбалери. Останува да се види дали ова е вистински пристап за клубот кој претходно беше прв во „ловот“ на најскапите и најталентираните фудбалери.

Фото: ЕПА

Scroll to Top