Top Sport

Во Торино без победник во Дерби д’Италија (видео)

Во пресметката на актуелниот шампион Јувентус и првопласираниот Интер немаше голови, ниту победник.

Во разочарувачко Дерби д’Италија, двата тима не направија доволно за победа, иако Јуве треба да жали што пропушти шанса да им го нанесе првиот пораз на „нераѕурите“ и да се искачи на првото место. Вака, утре Наполи со евентуален триумф над Фиорентина се враќа на врвот на Серија А.

Јувентус стартуваше без повредените Џиџи Буфон, Штефан Лихтштајнер и Марко Пјаца, но Макс Алегри се реши да го остави и Пауло Дибала и Даглас Коста на клупата. Марио Манџукиќ прв дојде до голема шанса, откако додавањето на Хуан Квадраро заврши кај него, но Самир Хандановиќ беше сигурен, а одбиената топка Миранда ја исфрли надвор од опасната зона.

Антонио Кандрева беше во добра шанса за Интер, но Џорџо Кјелини интервенираше, додека Манџукиќ ја имаше можеби најдобрата шанса пред крајот на полувремето, кога со удар со глава ја погоди пречката. Интер имаа поголем дел од поседот на топката, но првпат од мај 2014 година завршија едно полувреме без удар на голот.

Манџукиќ имаше уште една одлична шанса, а и Асамоа беше закана за голот на Интер. Гостите бараа пенал откако Бенатија играше со рака, но на крајот дербито заврши без голови.

Scroll to Top