Ветеранот во одбраната на Манчестер сити, Кајл Вокер вели дека сите во клубот добро знаат дека мора да ја освојат титулата во Лигата на шампионите за да се вклучат во друштво на најголемите англиски клубови како Манчестер јунајтед со тројната титула и Арсенал со сезоната без пораз во Премиерлигата.
Вокер има веќе шест сезони со Сити, во кои ги освои речиси сите трофеи, но не и Лигата на шампионите, за што ќе има шанса овој викенд во големото финале против Интер во Истанбул.
„Мислам дека тој тим на Јунајтед, заедно со ‘непобедливите’ на Арсенал се меѓу најдобрите тимови во историјата на Премиерлигата. Тоа што ние и Ливерпул до некој степен, го правиме е да се бориме во последните години за овој престиж. Но, тие можат да кажата дека го имаат големиот трофеј од Лигата на шампионите, кои ние уште го немаме. За да бидеме во таа конкуренција, мораме да го освоиме трофејот“, вели Вокер.
Тој и Сити веќе играа едно финале во ЛШ, кое заврши со неславен 1:0 пораз од Челси пред две години. Вокер таа година доживеа два тешки порази, откако Англија загуби од Италија во финалето на Европското првенство.
„Ниту еден голем тим не оди директно во финале и го освојува трофејот. Секогаш мора да поминеш низ такви порази, кога си толку блиску до трофејот. Тоа ти дава доплнителна сила. Беше тешко да се видат тие момци од Челси. Како колеги мораш да им честиташ, но не е лесно“, додава Вокер.