Напаѓачот на Евертон, Тео Волкот вели дека трансферот од Арсенал во Евертон ја вратил неговата страст за фудбалот и додава дека навистина ужива во клубот од Ливерпул по мизеријата на „Емирати“.
29-годишниот Волкот замина во Евертон по 12 години кај „топчиите“ и вели дека воопшто не згрешил.
„Не уживав. Да бидам искрен, бев исфрустриран, не играв доволно, не бев во добра форма. Поминав толку многу време таму што тоа ме болеше. Сега чувствувам дека играм со насмевка на лицето и го давам мојот максимум“, вели Волкот за „Мирор“.
Волкот потпиша за Евертон додека тренер беше Сем Алардајс, но вели дека уште повеќе го цени сегашниот менаџер, Марко Силва, кој дојде од Ватфорд.
„Мислам дека играме навистина убав фудбал, поубав од тој на Арсенал. Затоа дојдов во клубот, со сите засилувања и со младинскиот состав“, вели Волкот, кој овој викенд ќе има шанси да постигне гол против својот поранешен клуб, бидејќи Евертон го пречекува Арсенал.