Второлигашот Холштајн Кил, клуб кој никогаш не се натпреварувал во Бундеслигата, стигна до драматична победа на пенали над Баерн Минхен за пласман во осминафиналето од ДФБ купот, откако по 90, па и по 120 минути резултатот беше 2:2. Ова е првпат по 20 години, Баерн да не е во осминафиналето на националниот куп.
Томас Милер во 14-тата минута му асистираше на Серж Гнабри, за тој да го совлада домашниот голман, но од јасна офсајд ситуација, иако голот беше признат бидејќи во ова натпреварување не се користи ВАР системот. Второлигашот, сепак, дојде до израмнување преку Фин Бартелс, кој ја искористи грешката на одбраната на Баерн, и по соло акција го совлада Мануел Ноер.
Лирој Сане во 48. минута постигна прекрасен гол од слободен удар за да осигура предност за фаворитите, но кога се чекаше крајот на мечот, во 95. минута од мечот, Хауке Вал постигна гол за израмнување и продолженија, во кои немаше голови.
Во пенал-серијата, сите шест фудбалери на Кил беа прецизни од белата точка, додека Шпанецот Марк Рока беше трагичарот за Баерн.